По вчерашната изјава на грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос дека Грција се уште ја поддржува евро - атлантската интеграција на Македонија, МИА упати конкретно прашање до грчкото МНР на кој начин Грција ја поддржува оваа интеграција.

Грчкото МНР како одговор на ова прашање не упати на вчерашниот редовен брифинг на портпаролот Грегори Делавекурас, на кој освен веќе познатите тези дека „владата во Скопје продолжува да води бескомпромисна политика“ и оти „Грција го поддржува процесот на преговори под покровителство на ОН“, не кажа ништо конкретно.

Според Делавекурас, „кога Грција ќе најде соговорник со кого ќе може да оди напред во односите меѓу двете земји, ќе биде подготвена и ќе има волја, ќе преземе иницијативи“.

- Но мора да има соговорник. Тоа е основата и тоа е она што треба да го гледаме на подолг период: дали има или нема соговорник во Скопје, рече Делавекурас.

Пред последниот самит на НАТО во Чикаго, на веб страницата на грчкиот претседател Каролос Папуљас беа објавени транскрипти од состаноците на претседателот со лидерите на грчките партии кои јасно го покажуваат ставот на Грција.

Според транскриптите, сите политички лидери во Грција, без исклучок, се за вето доколку на самитот на НАТО во Чикаго биде поставено и прашањето за членството на Македонија во Алијансата.
